Повик за формирање на работна група на Национален младински совет на Македонија за придонес во процесот при креирање на закон за млади/ младинско учество

Согласно член 9 и член 10 од Статутот на Националниот младински совет на Македонија, Управниот одбор на Национален младински совет на Македонија на 02.02.2018 година, донесе одлука за распишување на:

 

Повик за формирање на работна група на Национален младински совет на Македонија за придонес во процесот при креирање на закон за млади/ младинско учество

Работната група има за цел да ги разгледа можностите и да даде свој придонес при креирањето на Закон за млади во Република Македонија кој ќе одговара на потребите и правата на младите луѓе.

Законот за млади треба да обезбеди процес на консултирање на младинските организации и младите на национално ниво кој ќе биде опширен, инклузивен и спроведен во сите региони на Република Македонија. Процесот на консултирање не треба да се одвива на веќе спремен предлог закон, туку од самите средби со младите и младинските форми на организирање да се започне процесот на дефинирање на младинските приоритети преку инклузивни разговори со државните институции. Во спротивно се ризикува повторен процес кој што не се базира на демократските начела на инклузивност на сите засегнати страни. Националниот младински совет на Македонија, како најголемото претставничко тело на младите во Република Македонија стои на располагање за да биде активен партнер во овој процес, како и имплементатор на процесите кои што би претходеле за донесувањето на законот.[1]

 

Критериуми за пријавување:

  • Член на младинска организација, организација за млади, политички подмладок или други младински форми на организирање;
  • Познавање на процесите за млади кои се одвивале или се одвиваат во Република Македонија;
  • Познавање на европските модели кои обезбедуваат учество на младите при креирање на младински политики;
  • Познавање на правната регулатива, односно законите, стратегиите и останати документи за млади во Република Македонија;
  • Познавање на младинските форми на здружување во земјата, а особено на Закон за здруженија и фондации и сродни, слични закони со кои се уредува работењето на младинските организации;
  • Способност да работи во тим и со рокови.

Членовите на работната група ќе ги имаат следните права:

  • Да им бидат обезбедени услови за непречено извршување на работата;
  • Да им биде обезбеден пристап до официјални и усвоени работни документи на НМСМ;
  • Да добијат поддршка во работата од Управниот одбор и Секретаријатот на НМСМ;
  • Да побараат дополнителни објаснувања, извештаи и модели за закони за млади кои го обезбедуваат младинското учество на највисоко ниво од земјите од Европа;
  • Да побараат потврда за сработеното од НМСМ.

 

Членовите на работната група ги имаат следниве обврски:

  • Да ги прегледаат постоечките документи и процеси за младите во земјата;
  • Да изготват предлог модел кој ќе обезбеди инклузивност, демократичност и вклучување на сите засегнати актери;
  • Да одржуваат постојана комуникација и координација со Управниот одбор и Секретаријатот на НМСМ;
  • Да дадат извештај за својата работа на крајот на секој месец до Управниот одбор на НМСМ;
  • Да се грижат за сензитивноста на информациите и да ги заштитат личните податоци до кои може да добијат пристап.

 

Динамиката на работа на работната група ќе биде одредена со заеднички договор на самата работна група.

Сите заинтересирани можат да се пријават за членство во работната група најдоцна до 12.02.2018 година, 16:00 часот, со испраќање на следниве документи:

Апликациите треба да бидат доставени на applications@nms.org.mk со назнака „Апликација за работна група за закон за млади“.

 

**Членството во работната група е на волонтерска основа и за истото не е предвиден паричен надосмест.

[1] Национален младински совет на Македонија, позициски документ „Отпочнување на процес за закон за млади“, страна 3 и 4.

http://www.nms.org.mk/wp-content/uploads/2017/12/Otpocnuvanje-na-procesot-za-mladi.pdf

Leave a comment