Активните мерки за вработување млади го освојуваат вниманието на земјите од Западен Балкан

  На 20 и 21 јуни, 2018 година, во хотелот Стоун Бриџ во Скопје беше одржан првиот Регионален форум за вработување на млади, во организација на Национален младински совет на Македонија, а  во рамки на проектот WeB4YES – Организации на граѓанското општество од Западен Балкан во поддршка на вработувањето на младите.

Воведните забелешки при отворањето на Регионалниот форум за вработување на млади ги дадоа: Младен Фрчкоски – Советник при Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија, Ирена Иванова – Програмски менаџер на програмата за граѓанско општество при делегацијата на ЕУ во Република Македонија, Милорад Бјелетиќ – Извршен директор на Белградска отворена школа од Србија и Илија Станковски – Потпретседател на Национален младински совет на Македонија.

Првиот панел за време на настанот беше насловен „Перспективи  на одржливата поддршка за вработување млади на Западен Балкан“ во кој учествуваа Армел Де Керос – Прорамски и финансиски менаџер на ИПА 4 при Генерален директорат за вработување, социјални прашања и инклузија во Европската комисија, Алберт Хани – Координатор на локалната подружница на Регионалната канцеларија за младинска соработка на Западен Балкан ( RYCO), Бобан Гледовиќ – Советник во Директорат за пазар на труд и вработување во Министерството за труд и социјална благосостојба и Ина Брегај – Експерт при Директорат за координација на странски инвестиции на Оптшина Тирана.

Во попладневниот панел, фокусот беше ставен на креирањето квалитетни политики и активни мерки за вработување млади, креирани врз основа на релевантни информации и докази. За таа цел, во втората панел дискусија се обрати Алисиа Дикнер – Портпарол за Европски прашања/Евроспки социјални политики на Одборот на студенти социјал-демократи на Шведска, а по неа Александра Џуровиќ – Исражувач во Белградската отворена школа ги презентираше резултатите од Регионалниот извештај за зголемување на младинската вработливост, додека Јована Дуковиќ – Миловиќ – програмски координатор за социјални политики во АДП ЗИД, ги презентираше резултатите од Регионален извештај за активните мерки на пазарот на трудот посветени на млади во Западен Балкан.

Вториот ден од конференцијата имаше целосно интерактивен карактер. Работејќи во групи, учесниците имаа можост да го дадат својот придонес во креирање на регионални препораки за подобрување на ситуацијата со вработливоста и активната  поддршка на младите кон вработување.

Препораките ќе послужат како основа за креирање на документи со насоки за  унапредување на јавните политики за вработување на младите. Овие документи ќе бидат во фокусот на следната проектна фаза, а се очекува истите да послужат како рамка за креирање на национални стратегии за застапување или унапредување на капацитетите за справување со предизвиците со кои се соочуваме во пристапот на малдите кон пазарот на труд.

Овој Проект е поддржан преку Програмата за организациите на граѓанското општество и медиумите за 2016 – 2017 Консолидирање на регионалните тематски мрежи на организациите на граѓанското општество од Европската комисија. Координатор на Проектот е Белградската отворена школа, а партнерите на проектот се: Здружението надвор од границите (Тирана, Албанија), Здружението за демократски просперитет – ЗИД (Подгорица, Црна Гора), Институтот за развој на млади КУЛТ (Сараево, Босна и Херцеговина) НВО Ленс (Приштина, Косово), Националниот младински совет на Македонија (Скопје, Р. Македонија) и Меѓународниот центар Олоф Палме (Стокхолм, Шведска).

Leave a comment