Активности

ТЕКОВНИ ПРОЕКТИ

MLADI.MK

MLADI.MK е веб-платформа за младинско информирање, иницирана и воспоставена од страна на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) во март 2016 година. Млади.мк овозможува простор за директна комуникација помеѓу организациите, институциите и младите, за промовирање различни можности и споделување релевантни информации. Во моментов, платформата ја користат 41 организација, кои преку своите креирани профили на Млади.мк објавуваат повици и можности за образование, надградба, волонтерство, стажирање, работа, конкурси и настани, во земјава и во странство. До Млади.мк се пристапува преку неколку канали: веб-страната, мобилната апликација mladi.mk (достапна за iOS и Андроид мобилни телефони) и истоимената страна на Facebook.

Проект „Со вештини до можности за младите“

„Со вештини до можности за младите“ е проект поддржан од Британска амбасада чија основна цел е да ги зголеми можностите за вработување на младите и да ја поттикне нивната интеграција во пазарот на трудот. Македонија е втора земја во Европа по висината на стапката на невработеност која надминува 30%, што е доволен индикатор за потребата за комбинирање и интегрирање на шемите за младинско вработување и надградба, како и градење на капацитетите кај младите преку обуки за стекнување вештини и компетенции. Во основата на овој проект е идејата за поголема вклученост, повеќе можности и зголемена конкурентност, а со тоа и поголем процент на вработување на младите и стекнување професионално искуство. Следствено, една од целите на проектот е формирање на „Центар за вештини и компетенции”, кој ќе биде структурален дел на НМСМ и кој активно ќе работи за остварување на еден од клучните приоритети на Советот – промовирање на граѓанско образование и растечки компетенции, а со единствена цел да се подобрат можностите за вработување и да се зголеми социјалната вклученост на младите луѓе.

Проект за граѓанско учество – Civic Engagement Project (CEP)

Проектот за граѓанско учество (CEP), петгодишна иницијатива за поддршка на македонскиот граѓански сектор и младинските организации кои ги вклучуваат граѓаните, приватниот сектор и владините институции, како и засегнатите страни за прашања од јавен интерес.

Проектот ќе ги поддржи граѓанските организации (ГОи) и коалиции на граѓански организации кои се фокусираат на клучни прашања од интерес на граѓаните на Македонија; ќе им помогне на ГОи да го промовираат дијалогот; ќе организира едногодишна LEAD (Водство, Учество, Акција, Развој) програма која ќе им овозможи на мотивираните млади луѓе, вештини за да работат во рамките на нивните заедници. Исто така, LEAD ќе им овозможи на младите мажи и жени учество во јавниот живот и процесот на донесување одлуки за прашања кои влијаат на нивниот живот, заедниците и воопшто на македонското општество.

Проектот за граѓанско учество е имплементиран од страна на Ист Вест Менаџмент Институт (East West Management Institute – ЕWMI), во партнерство со четири граѓански организации: Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис”, Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ), Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) и Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).

Проект „Мониторинг на Акцискиот план на Стратегијата за млади на Општина Центар 2015-2017”

Проектот за Мониторинг на Акцискиот план на локалната Стратегија за млади на Општина Центар за периодот 2015-2017 година, има цел да ја поттикне транспарентноста и отчетноста на локалните институции, да ја зголеми видливоста на Стратегијата, акцискиот план и активностите насочени кон младите, планирани во рамките на Општина Центар. Проектот предвидува: обука за мониторинг на јавни документи, собирање и анализа на информациите од јавен карактер, изработка на временска рамка и детална логичка рамка која се заснова на четири перспективи – задоволни граѓани, обезбедување услуги, развој на капацитети и управување со буџет. Понатаму, ќе биде спроведена теренска анализа која, меѓу другото, преку директни средби и интервјуа со младите од Општина Центар ќе покаже во колкав степен младите, односно граѓаните од општината се запознаени со активностите предвидени со Акцискиот план, колку тие активности се спроведуваат во пракса и со каков ефект. Како резултат на овој проект ќе биде изготвен Финален извештај со препораки и насоки за квалитативно унапредување на постоечкиот Акциски план. Извештајот ќе биде промовиран на јавен настан и преку онлајн промотивна кампања на социјалните мрежи, со цел клучните наоди и препораки да се дистрибуираат до што поголем број млади луѓе во самата општина и пошироко. Се очекува овој проект да придонесе и кон засилена соработка помеѓу НМСМ и Локалниот младински совет на општината, како и со другите релевантни локални институции.

 Mobilizing Social Action Through Grassroots Initiatives

Национален младински совет на Македонија, во рамки на кампањата „Мрдни со прст“ поддржува граѓански здруженија и неформални групи на граѓани при спроведување иницијативи на локално ниво.

Главната цел на кампањата е да се подигне јавната свест за различните можности за општествени промени кои се во доменот на секој поединец, како и да се понудат идеи и можности за придонес кон специфични активности во рамките на заедницата во кои граѓаните можат да се вклучат поединечно, но и колективно.

Трите модели на активности кои ќе се поддржат преку оваа кампања се следниве:

Урбани интервенции:
Интервенциите ќе претставуваат објекти или решенија во урбаните средини, видливи и корисни за сите граѓани во заедницата. Примери за вакви интервенции се: уредување на паркови, решавање проблеми со отпадот, креативни решенија за едукација и анимација на граѓаните итн.

Креативен активизам:
Користејќи различни форми на уметност и креативност, организациите ќе бидат поддржани да мобилизираат граѓани со цел креативно решавање или подигнување свест за одредени општествени прашања кои ја засегаат заедницата.
Во рамките на овој модел ќе се поддржуваат различни видови на урбана уметност, вклучувајќи: графити, видео проекции, уметнички инсталации, герила акции итн.

Перформанси:
Организации ќе бидат поддржани да изведат уметнички перформанси кои ќе актуализираат одредено општествено прашање кое ја засега заедницата. Преку интерактивен и креативен начин овие иницијативи ќе понудат можност за активно вклучување на граѓаните во заедницата.

Кампања #ИзбориСе

Целта на оваа соработка е воспоставување и јакнење на дијалогот меѓу политичките партии, граѓанските организаии и локалните власти за обезбедување на инклузивни процеси за креирање на младински политики.

Кампањата #ИЗБОРИСЕ предвидува неколку активности, а кои се во насока на претстојните локални избори во Македонија кои се предвидува да се реализираат во 2017 година.

Регионални консултативни средби со млади
Овие средби ќе се спроведуваат во 8 плански региони во Македонија, од страна на регионалните координатори на НМСМ. Истите имаат за цел да ги испитаат реалните потреби на младите на локално/регионално ниво, остварливи на пократок рок. Од овие средби ќе произлезат 8 документи (one pagers) со барањата на младите како и препораки за остварување на овие барања.

Јавни младински форуми
Ќе бидат организирани 8 јавни младински форуми во осумте плански региони на Македонија. На овие форуми политичките партии ќе имаат можност да ги презентираат деловите од своите изборни програми кои се однесуваат на политиките за млади. На тој начин, а и преку дисеминирање на информиации од форумот, НМСМ ќе обезбеди младите да направат информиран избор на локалните избори.

Pledge campaign
Спроведување на јавна и медиумска кампања преку вклучување на младински активисти на локално ниво во активирање на населението на локално ниво. Кампањата ќе вклучува креативни акции чија порака ќе биде дисеминирана главно преку локални медиуми и социлани мрежи. Оваа кампања особено ќе ги вклучи сите кандидати на листите за градоначалници и советници со цел јавно да се заложат за барањата и потребите на младите.

ЗАВРШЕНИ ПРОЕКТИ

„Младинско организирање“

Донатор: Проект на УСАИД за граѓанско општество менаџиран од ФООМ
Период на имплементација: јануари – јуни 2014
За проектот: Проектот имаше главна цел, односно поттикнување на младинско здружување и јакнење на капацитети на младинските организации да дејствуваат како генератори на активното граѓанство и младински активизам.

„Преглед на младинските политики во Македонија”

Донатор: Фондација Фридрих Еберт и Фондација Конрад Аденауер
Период на имплементација: jуни – ноември 2014
За проектот: Проектот иницира ревизија на младинската политика во Македонија, со цел да се оцени моменталната состојба со младинската политика и да се дадат насоки и перспективи во зајакнувањето на учеството на младите и младинските организации во процеси на креирање на политики. Преку истиот се адресира потребата за зголемување на транспарентноста во процесите на креирање на политики за млади.

„Младинско граѓанско образование“

Донатор: Британска Амбасада Скопје
Период на имплементација: мај – декември 2014
За проектот: Проектот имаше за главна цел да ги зголеми капацитетите на младите луѓе за учество во јавниот и политички живот во Македонија преку имплементација на обуки за граѓанско образование.

„Инспирирај младинско учество“

Донатор: Британска Амбасада Скопје
Период на имплементација: февруари – април 2015
За проектот: Проектот е насочен кон промоција на НМСМ на национално ниво и спроведување на две истражувања кои ќе ја испитаат потребата на организациите членки на НМСМ за градење на нивните капацитети и испитување на потребите на младите луѓе на локално ниво.

„Младинско учество“

Донатор: Британска Амбасада Скопје
Период на имплементација: мај 2015 – март 2016
За проектот: Главната цел на проектот беше позиционирање на Национален младински совет на Македонија како претставничко тело на младите одговорно за креирање и промоција на младински политики. Преку проектот се реализираа 11 обуки за јакнење на капацитетите на организациите членки на НМСМ и младинските организации во Македонија, беше формирана Младинската инспиративна група МК и беше креирана мобилната апликација за млади.мк.

„Младинска информираност“

Донатор: Проект на УСАИД за граѓанско општество имплеменитран од ФООМ
Период на имплементација: мај 2015 – март 2016
За проектот: Главната цел на проектот беше поттикнување на меѓурегионално вмрежување на младинските организации како и подобрување односно, зголемување на младинската информираност на национално ниво. Преку проектот беа изработија стратегии за младинска информираност во секој плански регион во Македонија и беа потпишани 11 меморандуми за соработка со 11 Локални младински совети.

„Избори се“

Донатор: Националниот демократски институт за меѓународни работи (НДИ) во Македонија
Период на имплементација: март – мај 2016
За проектот: Самиот проект претставуваше националната кампања под слоганот #Изборисе преку која младинските прашања и политики беа ставени во фокусот на јавноста. Кампањата започна со потпишување на Декларација за промовирање на ефективни младински политики, преку која 12 политички партии се заложија младинските прашања да бидат приоритет при изготвување на нивните агенди.

ДРУГИ АКТИВНОСТИ

РИКО

Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО) е меѓународна организација основана од страна на државите од Западен Балкан (Македонија, Србија, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина).  Целта на РИКО е преку финансирање поддршка на организации и индивидуи да ја поттикне мобилноста во регионот со цел надминување на постоечките предрасуди, омраза и нетрпеливост помеѓу младите луѓе од регионот.

Во рамките на НМСМ функционира работна група за РИКО составена од членови на организации членки која е активно вклучена во сите национални и регионални процеси поврзани со канцеларијата.

Структурен дијалог

Структурен дијалог е голем европски консултативен процес каде што младите луѓе од Европската Унија, но и од другите Европски држави имаат можност да дадат свое мислење и препораки за текови случувања и работи кои се од интерес на младите.

Националниот младински совет на Македонија учествува на  Европските младински конференции каде што има можност да ги даде своите коментари и препораки. Меѓутоа со оглед на тоа што сеуште не е формирана национална работна група во Македонија, пошироки консултации кои би вклучиле поголем број на млади луѓе во Македонија не се спроведуваат.