Тековни проекти

ТЕКОВНИ ПРОЕКТИ

WeB4YES – Организации на граѓанското општество од Западен Балкан во Поддршка на вработувањето на младите

Овој проект претставува иницијатива на регионално ниво чија цел е да се обезбеди иновативен меѓусекторски пристап и да се понудат опции за подобрување на можноста за вработување на младите од регионот на Западен Балкан. Проектот има за цел да се фокусира на изнаоѓање решение за постоечките предизвици кои произлегуваат од недоволната соработка меѓу чинителите од граѓанското општество и државните власти во земјите од Западен Балкан во политичките процеси и донесувањето на одлуки во насока на реформскиот процес кој се однесува на невработеноста на младите.

АКТИВНИ ДЕНЕС – Алатки за спроведување на младинските политики

„АКТИВНИ ДЕНЕС – Алатки за спроведување на младинските политики“ е проект кој има за цел да ги собере седумте земји од Југоисточна Европа (Босна и Херцеговина, Србија, Македонија, Црна Гора, Турција, Бугарија и Италија) со цел да ги истражат прашањата поврзани со имплементација на младинската политика. Проектот опфаќа и алатки кои младинските совети и младинските организации можат да ги користат во рамки на меѓународната младинска работа, како и вклучување на младите во процесот на донесување одлуки.

FABUSS – Успешно наследување на семеен бизнис

FABUSS е ЕРАЗМУС проект кој се стреми да помогне на младите поврзани во семеен бизнис да се оспособат за ефикасно наследување на бизнисот. Неговата целна група ја сочинуваат лица на возраст помеѓу 18 и 35 години кои сакаат да го преземат семејниот бизнис во извесен момент во иднината. Овие лица со аспирации за наследување имаат потреба од вештини и знаења за ефикасно развивање на бизнисот преку имплементирање на иновативни стратегии, вклучително и проширување на нивните пазари преку вмрежување и соработка со слични претпријатија во други земји.

MLADI.MK

MLADI.MK е веб-платформа за младинско информирање, иницирана и воспоставена од страна на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) во март 2016 година. Млади.мк овозможува простор за директна комуникација помеѓу организациите, институциите и младите, за промовирање различни можности и споделување релевантни информации. Во моментов, платформата ја користат 41 организација, кои преку своите креирани профили на Млади.мк објавуваат повици и можности за образование, надградба, волонтерство, стажирање, работа, конкурси и настани, во земјава и во странство. До Млади.мк се пристапува преку неколку канали: веб-страната, мобилната апликација mladi.mk (достапна за iOS и Андроид мобилни телефони) и истоимената страна на Facebook.

Проект „Младинска медиумска писменост“

Проектот „Младинска медиумска писменост“ е проект кој НМСМ како дел од Коалицијата за медиумска писменост партнерски го реализира со Радио МОФ, а е финансиски поддржан од Високата школа за новинарство и односи со јавност. Проектот вклучува обуки за медиумска писменост за вкупно 60 млади на возраст од 16-25 години, од три градови-Скопје, Велес и Тетово. Целта се младите кои имаат интерес за критичко размислување, медиумска писменост и новинарство, и чија свест за медиумска писменост е непостоечка односно на ниско ниво, но имаат интерес да земат учество во квалитетно споделување на нивните ставови и идеи, како и да известуваат за настани и случувања чија крајна цел е да предизвикаат општествена промена.
Во текот на дводневните обуки преку теориски и практични вежби учесниците ќе добијат сознанија за медиумска писменост, пропаганда и разликата помеѓу етичко и неетичко новинарство, ќе стекнат знаења за новинарски техники и ќе се обучат да разработуваат концепти за аудио и видео прилози, истражувачки стории, подкасти, радио емисии. Дополнително, ќе добијат можност да разработат концепти за креирање на медиумски производи по завршувањето на обуките, за што ќе бидат обезбедени менторства кои ќе им помогнат на младите  при креирањето на медиумските прозиводи по нивен избор.
Покрај обуките за медиумска писменост за  млади, предвидена е и обука за комуникација со јавност наменета за претставници на граѓански организации кои сакаат да ги унапредат своите вештини за комуникации и односи со јавност. Главна цел на оваа обука е тематско насочување на односите со јавност и начините на кој граѓанските организации ги споделуваат информациите до своите таргет групи кои водат до општествена промена.

Проект за граѓанско учество – Civic Engagement Project (CEP)

Проектот за граѓанско учество (CEP), петгодишна иницијатива за поддршка на македонскиот граѓански сектор и младинските организации кои ги вклучуваат граѓаните, приватниот сектор и владините институции, како и засегнатите страни за прашања од јавен интерес. Проектот ќе ги поддржи граѓанските организации (ГОи) и коалиции на граѓански организации кои се фокусираат на клучни прашања од интерес на граѓаните на Македонија; ќе им помогне на ГОи да го промовираат дијалогот; ќе организира едногодишна LEAD (Водство, Учество, Акција, Развој) програма која ќе им овозможи на мотивираните млади луѓе, вештини за да работат во рамките на нивните заедници. Исто така, LEAD ќе им овозможи на младите мажи и жени учество во јавниот живот и процесот на донесување одлуки за прашања кои влијаат на нивниот живот, заедниците и воопшто на македонското општество. Проектот за граѓанско учество е имплементиран од страна на Ист Вест Менаџмент Институт (East West Management Institute – ЕWMI), во партнерство со четири граѓански организации: Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис”, Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ), Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) и Националниот младински совет на Македонија (НМСМ)