Институционално јакнење на НМСМ во рамки на поддршката од Британската амбасада во Скопје

nmsm-web-cover

1.Анализа на работењето и подготовка на оперативни и стратешки развојни планови

Во периодот септември – ноември 2016 година Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) со експертска поддршка од компанијата Стратешки менаџмент системи – СМС, спроведе сеопфатна анализа на работењето на Секретаријатот на НМСМ.  Како клучни оски околу кои се движеше проценката се избраа:

  • Секретаријатот како носител на оперативното работење на НМСМ
  • Односите помеѓу Секретаријатот и Управниот одбор
  • Односите помеѓу Секретаријатот и организациите членки

Овие три оски на проценка послужија за прилагодување на пристапот на Balanced scorecards во утврдување на капацитетите и развојните потреби, а од таму се изведоа четири развојни перспективи на НМСМ во кои се вршеше скенирање на потребите и тоа:

  • Клиенти, корисници и други засегнати страни
  • Прибирање на финансиски средства
  • Внатрешна оперативност
  • Учење и развој

Како резултат на извршената анализа на работењето консултантскиот тим на СМСМ изготви извештај со препораки за понатамошен развој на капацитетите и тоа на долг и среден рок, како и итни активности кои НМСМ треба да ги реализира со цел брзо унапредување на дел од работењето. Заради прецизирање на идните активности на НМСМ на краток рок, консултантите подготвија и едногодишен работен план за 2017 година кој се усогласи со Годишната програма на работа на НМСМ.

По спроведената анализа на работењето на НМСМ, се одржа дводневна работилница за стратешко планирање на институционалниот развој на НМСМ. На работилницата учествуваа членовите на Претседателот на НМСМ, членови на Управниот одбор на НМСМ и вработените во Секретаријатот. Тие заеднички дискутираа по добиените наоди од анализата  на работењето и донесоа одлука за идните развојни приоритети на НМСМ кои консултантскиот тим на СМС ги преточи во тригодишна Развојна стратегија на Секретаријатот.

 

2.Унапредување и развој на интерни процедури и правила за работа

Врз основа на детектираните развојни потреби и  стратешките определби  на НМСМ, СМС изготви план за унапредување и развој на интерните процедури и правила на работење на НМСМ. Планот ги опфати сегментите финансиско и административно работење, оперативно работење и човечките ресурси. Во периодот јануари – март 2017 година, консултантскиот тим на СМС одржа низа менторски средби и консултации со вработените во Секретаријатот на НМСМ со кои се дефинираа процедурите на работење и се унапредија постоечките практики. Исто така во рамки на овие средби се дискутираа и дефинираа и придружните алатки и обрасци за поефикасно работење во наведените сегменти. На 24 март 2017 година Управниот одбор на НМС ги усвои изготвените правилници со кои се регулира финансискиот менаџмент, оперативното работење на Секретаријатот и работата со човечките ресурси.

Leave a comment