Локалните младински муабети во салата на Советот на град Скопје

DSC_0861

Изминатиот четврток 27.04.2017 година, во салата на советот на град Скопје се одржан Локален младински форум, на кој претставниците на локалните власти, здруженија на граѓани и младински организации, политички подмладоци и заинтересирани граѓани дискутираа за предизвиците и решенијата со кои се соочуваат младите во Скопје. Локалниот младински форум во Скопје беше завршен настан од серијалот Локални младински форуми, кои се реализираа под мотото Локални младински муабети. Локалните младински форуми се во организација на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), а се поддржани од канцеларијата на Националниот демократски институт во Скопје. Во рамките на циклусот Локални младински муабети, беа реализирани осум локални младински форуми во осум градови низ Република Македонија и тоа: Штип, Струга, Тетово, Куманово, Кавадарци, Битола, Гевгелија и Скопје, односно по еден град од секој плански регион.

На форумот се дискутираше за локалните предизвици и проблеми кои ги имаат младите во Скопје со цел заедно со засегнатите страни да дојдат до решенија на таквите проблеми. Најмногу се потенцираа узурпирањето на јавен простор и просторот за рекреација на младите, културните центри за младите, спортиските објекти и јавниот превоз. Присутните на форумот ги нагласија проблемите со негрижата за јавните простори и нивното одржување но и претворањето на тротоарите во паркинзи кои некогаш завршуваат и со фатални последици по животот на децата. Исто така, беа отворени прашања и за културните центри и лошите услови во кои функционираат но и не постоењето на интерес за таквите настани. Како еден од најголемите заеднички проблеми на младите беа посочени немањето волја кај институциите за да ги слушнат и  вклучат младите, но и функционирањето на локалните младински совети во рамки на советите на општините како релеватни тела за преставување на интересите на младите на локално ниво и можноста да се дејствува преку нив.

На настанот беа поканети членовите на Советот на град Скопје, како и градоначалникот на Скопје, г-дин. Коце Трајановски, кој иако беше уредно поканет не присуствуваше на форумот. Дел од присутните советници на град Скопје го поздравија ваквиот настан и ги охрабрија младите да поднесуваат иницијативи до советниците, постојано да преземаат активности и да ги поттикнуваат институциите на делување, токму поради фактот што проблемите се заеднички за сите млади во Скопје и потребна е иницијативност и вклученост на младите за подобрување на состојбите.

Leave a comment