Младинските политики во центарот на вниманието на Владата

На 20.03.2018, се одржа педесет и деветата седница на Влада на Република Македонија, која беше првата тематска седница, во целост посветена на младинските политики.

Како претставник на најголемото претставничко тело за млади во земјава, Националниот младински совет на Македонија на седницата беше претставувам од Претседателот, Блажен Малески.

Освен Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), на  седницата присуствуваа и неколку од организациите членки на НМСМ, придонесувајќи со своите капацитети и специфични знаења во потесните области во кои делуваат.

Точките на оваа седница, кои беа дефинирани во предходна координација меѓу институциите и претставниците на младинските организации вклучуваа: информации за имплементацијата на младинските политики во областа на пазарот на трудот, информации од Министерството за образование и наука за младите, информации за преземените активности од страна на Министерството за здравство за унапредување на здравството на младите во Република Македонија, информации за младинските политики на Министерството за култура, информација за процесот, активностите и фазите за основање Научно-технолошки парк во Македонија, информации во врска со мерките и активностите од Планот за економски раст кои ги опфаќаат младите и  информација за приоритетите во младинскиот сектор.

НМСМ од 2013та па наваму, гo вложува сиот свој капацитет во актуелицирањето на младинските прашања и предизвици и активното вклучување на младите во процесите на носење одлуки од важност за младите. Вчерашната тематска седница на Владата на Република Македонија за нас е своевидно признание за досегашниот труд, но и заложба за понатамошно здружување на напорите кон градењето на овозможувачки услови за младите луѓе во земјава.

Ги поздравуваме содржините дискутирани и заклучени за време на оваа седница, а особено отворањето на извесни теми кои кои во минатото не беа отворени, како што е формирањето на ко-менаџмент телото за координација меѓу младите и институциите и сеопфатното сексуално образование.

Заклучоците кои произлегоа од седницата се во полза на креирањето на половна клима за развој на младите во земјава. Како дел од мерките кои треба да придонесат кон градењето на таквата клима ги издвојуваме: имплементацијата на Гаранцијата за млади како активна мерка за вработување на лица меѓу 15 и 29 години, измените во Буџетот на Министерството за образование и наука насочени кон подигнувањето на стандардот и квалитетот на образованието, Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција и Програма за имунизација со која се обезбедуваат вакцини за континуирана имунизација на сите лица од 0 до 18 годишна возраст,  формирањето на работните групи кои ќе бидат задолжени за креирање на содржината на новиот Закон за млади, ревизијата на Националната стратегија за млади, финализирање на прирачникот за Локални младински совети, и подобрување на улогата на младинските организации, развојот на средношколското и студентското организирање во Република Македонија и изготвување стратешки документи за отворање на зелени работни места.

Деталните заклучоци од педесет и деветата седница на Владата се објавени за официјалната веб страна и истите можете да ги погледнете тука.

Leave a comment