Младите побараа нов легитимен избор за свој претставник во Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО)

slika 1 panel

Денес на 18 јули во ГЕМ клубот во Скопје се одржа конференцијата „Патоказ за младински приоритети“ организирана од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), Млади европски федералисти – Македонија (ЏЕФ Македонија) и Младински образовен форум (МОФ). Настанот даде фокус на младинското учество, организирање и соработка.

„Би сакала да им порачам на младите: oстанете вклучени и ангажирани, ова е ваша држава и ваша одговорност. Барајте ги вашите права и бидете упорни“ истакна Aмбасадорката на Германија Н.Е. г-ѓа Кристине Д. Алтхаузер. За значењето на меѓусебната соработка се осврна францускиот Амбасадор Н.Е. г-дин Кристијан Тимониер, кој потенцираше дека „Настанот во Трст е значаен за градење мостови на соработка помеѓу државите и народите од Западен Балкан на патот кон интеграција во ЕУ. Впрочем и во минатото народите на овие простори живееле заедно и споделувале заеднички идеи и идеали.“.
Претседателот на НМСМ, Блажен Малески потсети „Ако сакаме напредок, потребно е сите да се вклучиме и да вложиме напори за подобрување на состојбите. Неопходна е поголема соработка и консултации помеѓу политичарите и граѓанските организации“. Овој панел го заклучи директорот на Агенцијата на млади и спорт Дарко Каевски кој напомена „Активностите на РИКО ќе започнат во септември. Затоа мора да правиме правилни и разумни одлуки. Ова значи дека е потребна ревизија на процесот за избор на младински претставник во Управниот одбор на РИКО за Македонија“.

На вториот панел говорници беа учесниците од граѓанскиот и младинскиот форум кој се одржа во Трст. Дона Костуранова од МОФ посочи дека препораките на граѓанските организации на форумот во Трст се поклопуваат со потребите на младите во Македонија: „Ни треба подобар квалитет на образование , учество во меѓународни тестирања и обезбедување можности за мобилност и патување на младите низ регионот“.
На овој панел зедоа збор и претставниците од ЦЕД Теарце, Владимир Ѓорѓиевски и Младински Сојуз – Крушево, Анелија Митрова, кои исто така беа дел од конференцијата во Трст.

Целта на настанот беше покревање на дискусија за младинското учество и организирање, како и давање препораки за подобрување на положбата на младите во Македонија. Говорниците дадоа осврт и на младинското учество и организирање, како и препораки за Регионалната канцеларија за младинска соработка на Западен Балкан. Агенцијата за млади и спорт го претстави својот план за работа и соработка со младинските организации и младите, како и механизмите за нивно учество во процесите на носење одлуки.

Leave a comment