Образложение на Приоритетните барања на НМСМ пратени до парламентарното мнозинство

mladinskiprioriteti

Управниот одбор на Национален младински совет на Македонија (НМСМ), како најголемо претставничко тело на младите во земјата, а во пресрет на процесот за формирање на нова Влада на Република Македонија, предводена од СДСМ и коалиционите партнери, упатува приоритетни барања до новото парламентарно мнозинство.

Како најитни приоритети поврзани со НМСМ и со младинските прашања и процеси во земјава, ги издвојуваме следниве:

  1. Признавање на Националниот младински совет на Македонија како единствено претставничко тело на младите во Македонија;

Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) веќе 4 години активно делува кон подобрување на младите и младинските прашања во земјава и брои вкупно 49 членки. Ваквата состојба, од која се црпи релевантноста и легитимитетот, како и немањето на младинско претставничко тело кое е признаено од државата, па оттука се јавува потребата од негово институционално признавање.

Дополнително, преку членството во Европски младински форум, тело кое обединува повеќе од 100 национални совети, интернационални организации и мрежи и има воспоставено структурна соработка со Европска комисија, НМСМ е веќе препознаен како единствен младински совет во Македонија, на ниво на Европа.

  1. Определување на средства за НМСМ од Буџет на Република Македонија на годишно ниво;

Националниот младински совет на Македонија, како најголемо и со надеж признаено од институциите, не смее како единствен извор на финансирање да ги користи грантовите шеми на националните и интернационалните донатори.

За непречено функционирање на НМСМ во насока на застапување на потребите и приоритетите на младите и младинските организации, потребно е итно воведување на буџетска линија од државниот буџет на Република Македонија, наменет за реализација на годишната програма за работа на НМСМ.

  1. Ревидирање на Националната стратегија за млади;

Националната стратегија за млади во моментов е единствениот национален документ кој ги опфаќа младите како социјална категорија и кој ги содржи младинските приоритети. Процесот на креирање на Националната стратегија 2016-2025, предводен од Агенцијата за млади и спорт, НМСМ го карактеризира како нетранспарентен и без прецизен методолошки пристап. Дополнително, голем дел од предложените клучни мерки беа исклучени од финалната верзија на стратегијата, без консултација со младите и младинските организации.

Поради ова, се јавува потребата од отворање на отворен, инкузивен и транспарентен процес за ревизија на стратегијата, како и креирање на јасен план за мониторинг на нејзиното имплементирање, детален акциски план и буџет за имплементирање на истата.

  1. Ревидирање и реформирање на Агенцијата за млади и спорт;

Агенција за млади и спорт е единствената институција во земјава која би требало да работи кон остварување на младинските приоритети и решавање на предизвиците на младите.

Она што е загружувачко е дека целокупниот фокус на работа на Агенција за млади и спорт е спортот, додека младите се целосно запоставени во нивното делување. Ова може да се забележи преку активностите претставени во годинишните планови на Агенцијата, годишните отчети и на интернет страницата на АМС.

Површните, нетранспарентни, нелегитимни, неинклузивни и понекогаш и нелегални процеси, предводени од Агенција за млади и спорт, дополнително укажуваат на итноста од ревидирање и реформирање на оваа институција која мора да работи за интересите на младите во земјава.

  1. Структурна консултација со НМСМ за сите прашања и политики поврзани со млади;

Национален младински совет на Македонија преку своите активности и активностите на организациите членки, постојано делува кон детектирање и мапирање на потребите и предизвиците на младите и нуди соодветни пристапи кон нивно надминување.

Имајќи на ум дека преку своите 49 членки, може да се препознае важноста од постоење на систем за структурирано учество на НМСМ во сите процеси на носење одлуки и политики кои се насочени кон младите и младинските прашања.

Дополнително, НМСМ преку своите членки генерира експертиза која ќе придонесе за изнаоѓање на најефективните мерки и решенија за да се одговори на сите младински потреби.

  1. Поништување и повторување на процесот за избор на младински претставник од Македонија во Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO);

Изборот на Бојана Наумоска, (која во моментот на избор беше асистент во Собрание на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ), за младински претставник од Македонија во Управниот одбор на Регионалната канцеларија за младинска соработка на Западен Балкан го карактеризираме како целосно нелегитимен и нелегален.

Националниот младински совет на Македонија, преку свои претставници директно учествуваше во работната група за избор на младински претставник и во целокупниот процес се залагаше за инклузивен и транспарентен процес, како и легален, фер и легитимен избор на младински претставник. Во целиот процес, инициран и воден од Агенцијата за млади и спорт, претставниците на НМСМ во работната група постојано укажуваа на недостатоците на самиот процес и инсистираа на нивно регулирање, но и покрај тоа Агенцијата го заврши целиот процес со изборот на Бојана Наумоска.

Поради многуте недостатоци во процесот за избор на младински претставник, НМСМ бара итно разрешување на Бојана Наумовска од оваа позиција, поништување на целиот процес и отпочнување на нов процес, во соработка со НМСМ.

Приоретизирањето на овие прешања се темели на итноста од нивно решавање и нивните сериозни импликации врз младите и младинските организации, како на национално ниво, така и врз меѓународните процеси поврзани со младите и младинските прашања.

Поставување на овие прашања како приоритети на новоформираната Влада би претставувало значителен чекор кон подобрување на положбата на младите во земјава, поставување на младите како приоритет и значителен напредок кон обезбедување вистинско младинско учество.

Национален младински совет на Македонија е подготвен во целост да земе активно учество во целокупниот процес за регулирање на наведените прашања, во целост застапувајќи ги потребите на младите и младинските организации.

Leave a comment