Отпочнува консултативен процес за пишување на Законот за млади

На 11-ти април во Собранието на Република Макдонија се одржа првата јавна расправа на тема „Дали и каков Закон за млади е потребен“. На оваа јавна расправа ѝ претходеше процесот на отпочнување на креирање за Закон за млади, како иницијатива на Клубот за младински прашања и политики.

Денешната јавна расправа беше водена од пратеничката Ивана Туфегџиќ, а за време на воведното обраќање збор зедоа и Потпретседателката на Собранието на Република Македонија, Фросина Ташевска Ременски, Претседателот на Националниот младински совет на Македонија, Блажен Малески, како и Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.

Со овој настан формално се одбележа отпочнувањето на процесот на креирање на Законот за млади, кој ќе ги третира нерегулираните аспекти кои се од значење за подигнување на квалитетот на живот на младите, младинското учество и организирањето на локално и национално ниво, младинските политики и други аспекти од животот на младите.

Со цел обезбедување на доволно простор за дискусија и прибирање на доволен инпут од засегнатите страни, процесот на консултации ќе биде долгорочен и сеопфатен. Имено, за потребите на законот се формирани три работни групи: една работна група во која дејствуваат националните институции, една интерпарламентарна група и една работна група составена од претставници на младински организации со релевантно искуство во областа. Националниот младински совет на Македонија е еден од предводниците на работната група на младинските граѓански организации и во истата е претставен од петте члена: Блажен Малески, Горан Георгиевски, Дона Костуранова, Јулијана Даскалов и Линдита Реџепи.

Бидејќи Националниот младински совет на Македонија од самото свое основање па наваму се залага за инклузивен пристап кон младите при креирање на политиките, сметаме дека е од исклучителна важност таквиот пристап да биде применуван и од наша страна. Ги охрабруваме сите млади луѓе, претставници на младински организации и индивидуи со искуство во областа да ни пристапат и да ги споделат со  нас своите ставови, предлози и сугестии во однос на Законот за млади, преку следниов e-mail: info@nms.org.mk. Дополнително, предлозите и сугестиите може да се адресираат и дирекно кон Клубот за младински прашања и политики на klubzamladi@gmail.com.

Оваа иницијатива се случува по втор пат во Република Македонија. Првата ваква иницијатива се случи 2011 година, но истата беше повлечена од страна на иницијаторот, во случајот тогашниот Премиер на Република Македонија, по изразеното незадоволство од страна на младинските граѓански организации.

Leave a comment