Разрешен нелегитимниот младински претставник на Македонија во Управниот одбор на РИКО

NMS_logo_MK_CMYK_HV_G-01

Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) ја поздравува одлуката на Агенција  за млади и спорт (АМС) за отповикување на нелегитимно и нетранспарентно избраниот младински претставник за Управниот одбор на Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО).

Бојана Наумоска беше избрана  во 2016 година преку процес кој Националниот младински совет на Македонија  не го призна и оспори поради тоа што на значителен број на младински организации кои не ги исполнуваат критериумите за учество утврдени од Агенција за млади и спорт им беше дозволено да учествуваат и да гласаат.

Националниот младински совет на Македонија преку својата работна група за РИКО изработи извештај во сенка и записник во кои беа посочени сите нерегуларности и пропусти кои  произлегуваа од документацијата и одлуките на Агенција за млади и спорт.  

Одлуката за отповикување на младинскиот претставник во УО беше донесена откако НМСМ ја достави целата документација и аргументи до АМС кои ги потврдуваат сите сомнежи дека процесот кој беше спроведен во октомври 2016  е нелегитимен и полн со пропусти.

Со оглед на тоа што Регионалната канцеларија за младинска соработка овозможува на младите луѓе од Македонија да имаат свој глас и влијание во одлуките кои се носат,  од особена важност е по разрешувањето да  се отпочне нов процес за избор на младински претставник кој ќе биде транспарентен, инклузивен и легитимен, а ќе овозможи вистинско младинско учество.

На Агенцијата за млади и спорт целосно и стоиме на располагање восоздавањето услови за спроведување на демократски избор на младински претставник, а младинските организации ги охрабруваме активно да се вклучат  во новиот процес.

Leave a comment