Реакција на Национален младински совет на Македонија за збирката поезија од проектот „Млади поети“

Како Национален младински совет на Македонија сметаме дека поддршката за талентираните млади поети и успешни млади луѓе во различните области се важен дел од работата на Агенцијата за млади и спорт. Оттаму, сметаме дека четиригодишната традиција на проектот „Млади поети“ спроведуван од страна на Агенцијата за млади и спорт игра важна улога во процесот на доближување на литературата кон младите.

За жал, овогодинешното издание на збирката поезија кое беше издадено од страна на Агенцијата за млади и спорт, а беше дистрибуирано преку дневниот весник Нова Македонија, не  ги доближи младите до поезијата, ниту пак  е добар пример за тоа како треба да  изгледа соодветната и сеопфатната имплементација на овој проект.
Како најголемо претставничко тело на младите и младинските форми на организирање, сметаме дека е неприфатливо публикувањето на поезија која содржи груб говор на омраза (казнив по Член 319 од Кривичен законик на Република Македонија), од страна на државен орган, а промивира шовинизам, сексизам и навредлива содржина за голем дел од граѓаните на оваа држава. Ваквиот чин треба да биде осуден од сите активни чинители во Република Македонија и истиот да биде сфатен како индикатор за потребата од сензитивизирање кон говорот на омраза.

Со оглед на тоа дека содржината на поемите „Партиски вработена“ и „Моите соседи“ директно ја прекршуваат Европската конвенција на човековите права, ја поздравуваме одлуката на Агенцијата за млади и спорт за прекин на понатамошната дистрибуција на збирката, повикувајќи на претпазливост за ненанесување штета врз останатите автори и дела публикувани во истата збирка.

Дополнително бараме преземање на институционална и индивидуална одговорност од страна на сите надлежни и инволвирани во имплементацијата на проектот „Млади поети“, јавно објавување на сите инволвирани во процесот на креирање на публикацијата од страна на директорот на Агенцијата, кој се јавува како уредник на збирката и внатрешна истрага и одговорност за надлежните за проектот кои дозволиле поемите „Партиски вработена“ и „Моите соседи“ да бидат публикувани.
Со ваквите чекори нема да се намали сторената  штетата, но ќе даде јасно до знаење дека во иднина ваквите случувања нема да бидат толерирани и дека нема место за говор на омраза во проекти поддржани од страна на државни органи. И покрај немилите околности, како Национален младински совет на Македонија сме охрабрени што се повеќе млади бараат отчетност и препознаваат говор на омраза барајќи политика на нула-толераниција кон истиот.

Leave a comment