РЕАКЦИЈА ПО УКИНУВАЊЕТО НА ЗАКОНОТ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ И ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА

Final 2

Националниот младински совет на Македонија со загриженост ја прими веста за одлуката за укинување на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Навистина е неприфатливо што ваков законски текст на кој долго време работеше граѓанското општество да е укинат поради процедурални причини и недоследности.

Со ова законско решение за прв пат се забрани дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, но и се овозможи законска и правна заштита на ЛГБТИ лицата. Тоа значи чекор напред кон унапредување на правата на оваа категорија на граѓани и приближување кон еднаквоста кон која сите се стремиме. Важноста на овој закон е препознатлива и преку широката поддршка која истиот ја доби од на национално ниво, но и од меѓународната заедница и важните политички актери. Овој закон беше оценет како добар напредок во областа на фундаменталните права од страна на Европската комисија, а воедно и услов кој Холандија и го постави на Северна Македонија за отпочнување на преговорите за влез во Европската Унија.

Националниот младински совет на Македонија смета дека е од особено значење овој закон да влезе во скратена собраниска процедура во првиот момент кога Собранието на Република Северна Македонија ќе се воспостави, а веднаш потоа и да се спроведе постапката за избор на нови членови во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, со цел граѓаните конечно да добијат подобра, постручна и поефикасна заштита на нивните основни права и слободи.

Ваквиот чекор ќе покаже дека сме држава која ги гарантира основните човекови права и заштита од дискриминација за сите, и дека сме држава која навистина се стреми кон европска интеграција.

Сите се еднакви пред законот и имаат право, без каква било дискриминација, на еднаква заштита на законот. На сите им припаѓа еднаква заштита од каква и да е дискриминација, што е во спротивност на оваа Декларација и од какво и да е поттикнување на таква дискриминација.

Leave a comment