Став на НМСМ во однос на претстојниот референдум

NMS_logo_MK_CMYK_HV_G-01

Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) е најголемо претставничко тело на младите и младинските организации од Македонија. НМСМ во себе обединува 47 организации од цела Македонија, меѓу кои 19 младинска организација, 19 организации за млади, 1 унија и 8 подмладоци на политички партии, со цел да ги застапува и промовира правата на младите од Македонија.

Членството на НМСМ е диверзитетно, соединувајќи организации од целата земја, кои работат на национално, регионално и локално ниво, во рурални и урбани средини, студентски организации, ограноци на меѓународни организации и други видови на организации. При остварување на своите цели, НМСМ ги застапува интересите на младите луѓе, без разлика на нивниот социо-економски статус, род, раса, етничка или културна позацина, политички или религиски верувања, сексуална ориентација, родов идентитет или било која друга форма на различност.

НМСМ претставува и застапува европски вредности уште од самото негово основање, каде што беше присутен и Европскиот младински форум во 2013 година. Како таков, Советот беше креиран следејќи ги вредностите и сличните модели на учество од ЕУ и оттогаш ги промовира тие вредности преку своите активности. Нашите активности ги креираме во насока на промоција на владеење на правото и демократија, младинско учество на сите нивоа на одлучување, еднакви можности за сите млади луѓе, слобода на движење, човекови права, достоинство и слобода.

Во пресрет на претстојниот референдум, НМСМ ја изразува својата поддршка кон механизмот кој се користи за консултација со граѓаните на Македонија за ова национално прашање кое е од исклучителна важност. Искрено веруваме дека младите луѓе од Македонија, мораат да бидат земени предвид и нивното мислење за ова прашање да биде сериозно земено предвид, имајќи го на ум влијанието кое одлуката ќе го има на нивните животи и нивната иднина. Поради тоа, ги повикуваме сите млади да ја искористат можноста да се чуе нивниот глас и став, преку излегување на гласање на референдумот на 30- ти септември.

Со цел да се олесни процесот на гласање за младите луѓе, од кои голем дел ќе гласаат за прв пат во нивниот живот, ги повикуваме властите да обезбедат поволни услови за гласање, ослободени од манипулации и неправилности, какви што сме забележувале во минатото. Во оваа насока, повикуваме на фер, демократски и информативен процес пред датумот за гласање, со цел да им се овозможи на младите граѓани да направат сопствен избор, согласно нивните убедувања и капацитети. Власта не може да очекува дека секој млад човек во целост го разбира билатералниот договор со Грција и поради тоа, препорачуваме да им се обезбеди поедноставено, информативно и непристрасно резиме на договорот, со што младите ќе можат да донесат информирана одлука.

Во периодот до денот на референдумот, го осудуваме секој говор на омраза и лажните вести, продуцирани од оние кои сакаат имаат влијание врз конечниот исход од референдумот. Сметаме дека ваквиот пристап е целосно неконструктивен и пристрасен, па затоа ги повикуваме сите граѓани да се воздржат од истиот.

Без разлика на конечниот резултат од референдумот, НМСМ ќе продолжи да застапува проевропски вредности, користејќи ги европските мрежи за понатамошно унапредување на правата на младите луѓе во земјава, да овозможува услови за вистинско и значајно младинско учество, да влијае кон намалување на невработеноста на младите и да обезбедува непристрасни извори на информации за младите луѓе.
НМСМ нема ниту да го поддржи, ниту да се спротивстави на конечниот резултат од референдумот. Силно веруваме во демократската волја на граѓаните, а со тоа и се залагаме за фер, информиран, непристрасен и некоруптиран изборен процес.

Leave a comment