ПОВИК ЗА НОМИНАЦИИ – НАГРАДА ЗА МЛАДИНСКО УЧЕСТВО

I. ЗА НАГРАДАТА
Министерство за социјална политика, демографија и млади (МСПДМ) во соработка со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) ја доделуваат овогодинешната Награда за младинско учество. Наградата се доделува во три категории: индивидуална категорија (млади на возраст 15-29), категорија за неформални групи на млади (од најмалку 3 членови) и категорија за младински организации, организации за млади и чадор младински организации. Наградата има за цел да го препознае и валоризира трудот на младите при адресирање на различни општествени прашања.
Наградата за младинско учество препознава иницијативи на млади, неформални групи на млади и младински организации, организации за млади и чадор младински организации кои демонстрираат активно младинско учество, општествено влијание и одржливост и носат мерливи резултати во подобрувањето на заедницата или благосостојбата на општеството преку активностите на номинираниот.
II. КАТЕГОРИИ НА НАГРАДИ
Ќе се доделат 3 награди, по една награда по категорија:
- ИНДИВИДУАЛНА КАТЕГОРИЈА ЗА МЛАДИ (НА ВОЗРАСТ 15-29 ГОДИНИ)
- КАТЕГОРИЈА НА НЕФОРМАЛНИ ГРУПИ НА МЛАДИ (ОД НАЈМАЛКУ 3 ЧЛЕНОВИ)
- КАТЕГОРИЈА НА МЛАДИНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ, ОРГАНИЗАЦИИ ЗА МЛАДИ И ЧАДОР МЛАДИНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ
III. УСЛОВИ ЗА НОМИНАЦИЈА
Номинираните млади во индивидуалната категорија и членовите на неформалната група на млади номинирани за Награда за младинско учество треба ги исполнуваат следните услови:
- Да се државјани на Република Северна Македонија;
- Да се на возраст 15 до 29 години до денот на завршувањето на повикот за номинации;
- Да ја имплементирале активноста, работата или услугите за кои се номинирани на територијата на Република Северна Македонија;
- Да ја имплементирале активноста, работата или услугите за кои се номинирани во периодот јуни 2023 – мај 2025;
- Да покажат дека тие имале клучна улога во активноста за која се номинирани.
Младинските организации, организациите за млади и чадор младинските организации кои се номинирани за Награда за младинско учество треба ги исполнуваат следните услови:
- Да бидат регистрирано здружение или фондација во Република Северна Македонија согласно Закон за здруженија и фондации;
- Да се впишани како една од формите на младинско организирање во Регистарот на форми на младинско организирање на АМС, согласно Законот за младинско учество и младински политики;
- Да имаат најмалку две години активно постоење;
Државните службеници, политички-именувани лица, персоналот на јавните претпријатија и/или лидерите на политичките партии не можат да бидат номинирани за Награда за младинско учество.
IV. КРИТЕРИУМИ ЗА НОМИНАЦИЈА
Идеалните кандидати за Наградата за младинско учество:
- Демонстрираат исклучителна посветеност и придонес кон подобрување на животот во општеството;
- Покажуваат силно младинско учество, лидерство и активно вклучување на млади во имплементација на активноста;
- Остваруваат видливо влијание врз младинските политики и промени на локално и/или национално ниво;
- Спроведуваат долготрајни и одржливи решенија за општествени предизвици;
- Покажуваат потенцијал за раст и репликабилност на иницијативата;
- Се препознатливи помеѓу врсниците и пошироката заедница;
- Применуваат креативни и иновативни пристапи за вклучување на заедницата во решавањето на општествени прашања;
- Развиваат или поддржуваат можности за младите да учествуваат во активности кои имаат позитивен придонес кон општеството и нивниот развој;
- Вклучуваат лица во социјален ризик во напорите за решавање на општествени прашања;
- Преземаат дејствија кои носат долготрајни и одржливи решенија за општествени прашања;
Нема да се разгледуваат номинации за активности спроведени од поединци или групи кои вклучуваат:
- Поддршка или лобирање во име на политичка партија;
- Верски активности;
- Академско истражување или работа за личен професионален развој.
V. НАГРАДА
Наградата има за цел да го препознае и валоризира трудот на младите при адресирање на различни општествени прашања, а финансиската поддршка ќе обезбеди унапредување на работата и активизмот на добитникот. Висината на Наградата за младинско учество по категории е следната:
- 1,000 EUR за индивидуална категорија;
- 3,000 EUR за неформални групи на млади; и
- 3,000 EUR за младински организации.
VI. НАСОКИ ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НОМИНАЦИЈА
Номинациите за секоја од категориите можат да бидат поднесени од страна на индивидуални лица, организации, институции, медиумски сектор, бизнис сектор или други членови на заедниците. Наградите ќе бидат доделени и презентирани на пошироката јавност на Меѓународниот ден на младите, 12 август 2025, во Скопје.
Поднесувањето на вашата номинација можете да го направите на следниот линк:
Рокот за поднесување на номинации е до 30 јуни 2025, 23:59 ч.
Номинациите кои успешно ќе ја поминат техничката проверка ќе бидат детално разгледани од страна на комисија за евалуација, која ќе селектира најмногу три кандидати по категорија за понатамошната фаза на јавно онлајн гласање.
Целосниот повик за номинации е достапен на следниот линк.