[РЕАКЦИЈА] НМСМ бара транспарентност за постапката на усвојување на Акцискиот план  и предупредува на ризикот од отстапување од утврдените приоритети 

НМСМ бара транспарентност за постапката на усвојување на Акцискиот план  и предупредува на ризикот од отстапување од утврдените приоритети 

Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) бара од Министерството за социјална политика, демографија и млади јавно да информира дали, во рамки на тековната владина процедура за усвојување на Акцискиот план за спроведување на Националната стратегија за млади за периодот 2026–2027 година, се вршат измени во неговата содржина и, доколку е тоа случај, какви измени се предвидуваат и врз основа на кои аргументи.

Акцискиот план е резултат на партиципативен и консултативен процес во кој беа вклучени младите, младинските организации, институциите и другите релевантни чинители. Преку овој процес, потребите и приоритетите на младите беа преточени во конкретни цели и мерки, со цел да се обезбеди систематско и одговорно спроведување на Националната стратегија за млади 2023–2027. Оттука, содржината на Планот не претставува само административен документ, туку одраз на идентификуваните потреби на младите и на приоритетите утврдени преку консултациите со нив.

Сметаме дека евентуалните интервенции во содржината на Акцискиот план во текот на владината процедура не смеат да доведат до отстапување од утврдените приоритети и мерки што произлегоа од консултативниот процес. Секоја измена што не е заснована на јасно образложени потреби, аргументи и транспарентна постапка ризикува да ги разводни или изостави мерките што директно одговараат на потребите на младите. На тој начин, постои опасност повторно да се усвојат политики што формално ги адресираат младите, но суштински не одговараат на нивните реални предизвици и приоритети.

Дополнително, имајќи предвид дека Националната стратегија за млади важи до 2027 година, секое дополнително одложување или менување на веќе утврдените мерки го намалува ограничениот период за нивно спроведување. Во оваа фаза е особено важно институциите да обезбедат услови за навремена реализација на договорените обврски, наместо процесот да резултира со оддалечување од потребите што веќе беа идентификувани и потврдени преку учеството на младите и младинските организации.

НМСМ нагласува дека транспарентноста, отчетноста и доследноста во спроведувањето на младинските политики се неопходни за да се обезбеди доверба во институционалните процеси. Доколку во текот на владината процедура се предлагаат измени на Акцискиот план, јавноста и чинителите што учествуваа во неговото креирање мора да бидат информирани за нивната содржина, причините за нивното предлагање и нивните можни последици врз спроведувањето на Стратегијата.

Придонесот на младите и организациите што учествуваа во креирањето на Националната стратегија за млади и нејзините Акциски планови мора да биде почитуван и препознаен во конечните документи. Националната стратегија за млади 2023-2027 мора да остане вистинска рамка за унапредување на положбата на младите, а не само формална обврска што се исполнува без соодветно спроведување на утврдените приоритети.

 

 

Сподели