НМСМ ЈА ПОЗДРАВУВА ОДЛУКАТА ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА РОКОТ ЗА ЈАВНИОТ ПОВИК, НО ПОВИКУВА НА СУШТИНСКА СОРАБОТКА СО МЛАДИНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ

Националниот младински совет на Македонија ја поздравува одлуката на Министерството за социјална политика, демографија и млади да го продолжи рокот за аплицирање на Јавниот повик за финансиска поддршка на здруженија и фондации. Овој чекор претставува позитивен сигнал дека гласот на младинските организации е слушнат и земен предвид и дека институциите можат да дејствуваат одговорно.

Истовремено, НМСМ верува дека овој случај треба да биде поттик за воспоставување на суштинска, континуирана и структурирана соработка помеѓу Министерството и младинскиот сектор. Ваквиот дијалог е клучен за планирање на транспарентни, инклузивни и навремени процеси кои ќе обезбедат еднаков пристап и младински политики кои соодветствуваат на реалните потреби на младите.

Продолжувањето на рокот е чекор во вистинската насока, но долгорочните решенија бараат повеќе од технички корекции – тие бараат вклучување на младинските организации како рамноправни партнери во процесите на креирање, спроведување и евалуација на политиките и програмите што ги засегаат младите. Не е прифатливо младите и младинските организации да се вклучуваат само по реакција и под притисок – нивната улога мора да биде системска и обезбедена уште од самиот почеток на секој процес за да се обезбеди суштинско, наместо токенистичко вклучување.

НМСМ останува посветен на конструктивен дијалог со институциите и ќе продолжи да се залага за младински политики засновани на партнерство, отчетност и визија за општество во кое младите се активни чинители. Своето знаење, експертиза и долгогодишно искуство, НМСМ го става на располагање на секоја институција што  ја дели нашата визија.

Сподели